Македонија, во соработка со Светската банка, подготвува проект што ќе ја позиционира како прва земја во регионот со целосно дигитализиран „смарт“ автопат. Станува збор за интелигентен транспортен систем (ИТС) кој ќе биде поставен долж Коридорот 10 – од границата со Србија до границата со Грција, со цел да се подобри безбедноста, да се забрза транспортот и да се зголеми бројот на туристи кои транзитираат низ државата.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски објасни дека овој систем ќе овозможи во реално време да се следи густината на сообраќајот, временските услови и брзината на движење на возилата, а ќе има и информации за затворени делници и протоколи за возење.
„Ќе има бесплатен интернет по целата должина на Коридорот 10, електрични полначи и целосна дигитална сигнализација. Овој ‘хајтек’ автопат ќе овозможи многу побезбедно и поеколошко возење. Светската банка учествува со 60 проценти грант во проектот“, изјави Николоски на панел-дискусијата „Е-75 – основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“.
Со оваа инвестиција ќе се изврши и целосна рехабилитација на автопатот за да се овозможи пристоен, модерен и брз транспорт низ Македонија. Целта, според Николоски, е да се задржат туристите подолго во земјата, а не само да транзитираат.
„Невозможно е да зборуваме за туризам, а да немаме ниту еден хотел со пет ѕвездички. Ќе ја олесниме процедурата за изградба на нови хотели по должината на Коридорот 10 за да привлечеме инвеститори“, додаде тој.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави поставување дигитални табли кои ќе ги информираат туристите за градовите, атракциите и локалните бизниси покрај патот, како и мобилна апликација преку која, со QR-код при влез во земјата, ќе можат да се видат сите можности што ги нуди патниот Коридор Е-75 – од гастрономија и култура до вински туризам и настани.
„Секој километар од овој пат носи во себе можност за нова соработка, ново партнерство и нов развој. Туристот што ќе застане, ќе вкуси локална храна, ќе дегустира вино и ќе разговара со занаетчија – тоа е вистинската моќ на Е-75“, истакна Љутков.
Минатата година, низ Коридорот 10 поминале над 10 милиони луѓе, што е бројка поголема од вкупниот број жители на Македонија.
Во план е и проширување на граничниот премин со Грција од шест на единаесет ленти, како и воведување на М-таг систем за патарини за побрзо поминување без застанување.
„Транспортот и туризмот се две страни на иста монета – едниот ја движи економијата, другиот ја носи душата на земјата. Кога тие се здружени, го движат целиот регион напред“, порача Љутков.
















