ПРВ.мк
Македонија

Сиљановска Давкова со јасна порака за ИПАРД фондовите: Одговорност мора да има - ова се деталите

Сиљановска Давкова со јасна порака за ИПАРД фондовите: Одговорност мора да има - ова се деталите
Kristal

Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, за време на својата работна посета во Општина Ресен, остро реагираше на можните злоупотреби со европските ИПАРД фондови, нагласувајќи дека овие средства се клучни за земјата и дека секоја неправилност мора строго да се казни.

„ИПАРД фондовите се мошне важни за нас. Ова е проект со големо значење и секое неодговорно постапување со овие средства претставува сериозен удар по довербата во институциите. Треба строго да се санкционира секоја злоупотреба – тоа не е првпат да се соочиме со вакви појави, но мора конечно да има одговорност“, истакна Сиљановска Давкова, одговарајќи на новинарско прашање.

Таа нагласи дека користењето на европските пари мора да се заснова на принципите на владеење на правото и домаќинско однесување, бидејќи секој обид за манипулација со тие средства го нарушува кредибилитетот на државата пред Европската унија.

Во меѓувреме, Министерството за финансии вчера објави дека Македонија донела одлука за привремен прекин на исплатите од ИПАРД програмата, поради тековните истраги поврзани со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој. Министерството истакна дека Европската комисија е навремено информирана за ваквиот потег и дека Брисел ја поздравил одлуката, со цел да се зајакне контролата и да се обезбеди законитост и транспарентност при исплатите.

„Целта е да се гарантира дека системот е стабилен, дека исплатите се легални и дека постојат ефикасни мерки против измами и корупција“, наведоа од Министерството за финансии.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно истакна дека средствата од ИПАРД не се блокирани поради апсењата, но потврди дека истрагата се проширува, бидејќи постојат индиции за злоупотреби и во минатото. Тој додаде дека лично побарал времен прекин на исплатите, за да се утврди до каде оделе манипулациите со европските фондови и да се спречат нови злоупотреби во иднина.

Escape