Две жени, на возраст од 65 и 66 години, вчера биле прегазени од возачи додека минувале улица – едната во Скопје, другата во Радовиш. И двете со тешки телесни повреди биле веднаш пренесени на болничко лекување.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во првиот случај во Скопје, возило со скопски регистарски таблички, управувано од 24-годишниот Ј.П., удрило во 65-годишната С.Т.. Несреќата се случила околу 13:10 часот, на крстосницата меѓу улиците „Јани Лукровски“ и сервисната улица.
Во вториот случај, во Радовиш, околу 12:30 часот, 72-годишниот С.Д., управувајќи возило со радовишки регистарски ознаки, удрил во 66-годишната С.Г.. Возачот прво побегнал од местото на несреќата, но подоцна се вратил и сам ја пријавил случката.
И двата случаи се под истрага на МВР, а против возачите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Во меѓувреме, сообраќајните експерти предупредуваат дека ваквите трагедии стануваат сè почести. Началникот на секторот за сообраќај при МВР, Маја Арсовска Манов, во своето гостување на „24 анализа“ изјави дека најголем број несреќи се случуваат во населените места, а бројот на жртви расте секоја година.
„Во првите четири дена од ноември веќе имаме четири загинати лица. Бројките, за жал, од година во година растат – во 2020 имавме 112 загинати, во 2021 – 116, во 2022 – 124, во 2023 – 127, а лани дури 142 лица. Повеќето загинати се на отворените патни правци, иако најмногу незгоди се случуваат во населени места“, рече Арсовска Манов.
Сообраќајниот вештак Дејан Трпевски објаснува дека главната причина за несреќите е непочитување на брзината, но и управување без возачка дозвола, присуство на алкохол и игнорирање на сообраќајната сигнализација.
Како дел од мерките за подобрување на безбедноста, од 1 јануари 2026 година ќе почне со работа новиот систем „Safe City“, кој треба да овозможи строго следење и санкционирање на прекршителите на сообраќајните правила.















