Улогата на Џек во култниот филм „Титаник“ заврши кај Леонардо ДиКаприо, но тоа можело лесно да биде Метју Маконахеј, кој, според сведочењата, ја уништил шансата со една навидум мала – но клучна – грешка на аудицијата.
Во билтенот „What I’m Hearing“, новинарот Метју Белони објави дел од постхумната книга на продуцентот Џон Лендау, насловена „The Bigger Picture“, каде е опишано што точно се случило при кастингот за улогата на Џек Доусон.

„Го доведовме Метју да сними сцена со Кејт Винслет. Сакавме да ја провериме хемијата – не само како изгледаат на екран, туку и како комуницираат меѓусебно. Кејт беше воодушевена од Метју, од неговото присуство и шарм. Но тој ја одигра сцената со силен јужњачки акцент“, пишува Лендау.
Маконахеј, роден во Тексас, зборувал со карактеристичен јужен акцент, а режисерот Џејмс Камерон му рекол: „Одлично, ајде сега да пробаме поинаку.“ Но Маконахеј одговорил: „Не. Мислам дека беше прилично добро. Ви благодарам.“
Со тоа категорично одбивање да го промени својот настап, тој ја загубил шансата за животна улога.
На крај, улогата ја добил Леонардо ДиКаприо, но и неговата аудиција не била лесна. Според Камерон, кога Лео дошол на пробно снимање, му било побарано да прочита дел од сценариото. Актерот одговорил: „О, јас не читам.“ Камерон му рекол дека нема да ја добие улогата ако не прочита. ДиКаприо, со негодување, се согласил – и го импресионирал целиот тим.
„Кејт заблеска… Темните облаци се разотидоа, зрак од сонце падна врз Џек. Помислив: ‘Океј, тој е тој.‘“, се сеќава режисерот Камерон.