Секој човек има уникатен мирисен потпис, сличен на отпечаток од прст. На тој мирис влијаат бројни фактори – од расположението, здравјето и генетиката, па сè до исхраната, алкохолот и постот. Според нови истражувања објавени од „Би-би-си“, начинот на кој мирисаме не е случаен – храната и пијалоците можат драстично да го променат нашиот природен мирис, па дури и начинот на кој другите нè доживуваат и колку им изгледаме привлечни.
Како храната влијае на мирисот на телото
Научниците објаснуваат дека храната влијае на мирисот на телото на два начини – преку цревата и кожата. Додека вариме храна, бактериите во цревата ослободуваат испарливи молекули, кои преку здивот или потта можат да предизвикаат непријатен мирис. Истовремено, некои хемикалии од храната, откако ќе се метаболизираат, влегуваат во крвотокот, стигнуваат до кожата, и таму, во контакт со бактериите, создаваат специфичен мирис.
„И потта сама по себе нема мирис – бактериите што се размножуваат во неа се тие што создаваат непријатен мирис“, објаснува Лина Бегдаче, доцент на Државниот универзитет на Њујорк.
Овошје, зеленчук и лук
Брокула, зелка, карфиол и прокељ – иако се исклучително здрави – содржат сулфурни соединенија кои можат да му дадат остар мирис на телото. Лукот и кромидот, пак, содржат соединенија кои се испаруваат преку потта и здивот, создавајќи карактеристичен мирис. Но изненадувачки, истражувања покажале дека лукот може да ве направи попривлечни – поради неговите антиоксидантни својства, кои позитивно влијаат на телесниот мирис.
Шпарглата, од друга страна, содржи аспарагинска киселина, која при варење создава мирис на сулфур што се чувствува и во урината. Сепак, ова зависи и од генетските карактеристики на секој човек.
Луѓето кои консумираат повеќе овошје и зеленчук имаат понежен и „цветен“ телесен мирис, додека диетите богати со јаглехидрати предизвикуваат помалку привлечен мирис.
Месо и риба
Истражувањата покажуваат дека мирисот на телото е поблаг и попријатен кај луѓе кои не јадат месо. Причината е што протеините од месото се разградуваат на соединенија што се излачуваат преку потта, создавајќи тежок мирис. Рибата, пак, содржи триметиламин, супстанција со остар мирис. Кај некои луѓе со генетско нарушување наречено триметиламинурија (или „синдром на мирис на риба“) ова соединение не се разградува, па телото мириса карактеристично.
Алкохол и кафе
Кога телото го разградува алкохолот, се ослободува соединение наречено ацеталдехид, кое има силен, застоен мирис. Алкохолот, исто така, го дехидрира телото и ја намалува плунката, што создава идеална средина за бактериите – резултат: лош здив.
Истражувањата покажале дека луѓето кои пијат често имаат повеќе сулфурни соединенија во здивот. Интересно, во еден експеримент, мажите кои пиеле пиво биле „попривлечни“ – но, само за комарците.
Кофеинот од кафето и чајот, пак, ги стимулира потните жлезди, што значи повеќе пот и повеќе бактерии – со тоа и посилен телесен мирис.
Постот и мирисот на телото
Дури и постењето може да го промени мирисот на телото. Во едно истражување, жените кои постеле 48 часа имале поблаг мирис на пот, но полош мирис на здив. Научниците заклучуваат дека не постои универзален рецепт за тоа како храната влијае на телесниот мирис – сè зависи од индивидуалните навики, метаболизмот и генетиката.
















