ПРВ.мк
Економија

Одлуката се очекува денес – Владата решава за ново покачување на пензиите, ова се предлозите!

Одлуката се очекува денес – Владата решава за ново покачување на пензиите, ова се предлозите!
Escape

Владата денеска ќе го разгледа предлог-законот за ново линеарно зголемување на пензиите, со кој наместо процентуално, пензиите ќе се зголемат по 1.000 денари во есенскиот и пролетниот период. Според премиерот Христијан Мицкоски, целта е законот да биде изгласан во Собранието пред распишување на претстојните локални избори.

„Јас веќе најавив дека очекуваме линеарно зголемување на пензиите. Тоа практично го бараат пензионерите од Владата. Тој процент што треба да се зголеми, согласно законот, да биде линеарно распределен на сите корисници на пензии. Ние тој глас го слушнавме како Влада“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека на денешната седница Владата треба да го усвои предлог-законското решение, кое потоа веднаш ќе биде испратено во парламентот. „Очекувам парламентот пред распишувањето на локалните избори тоа да го изгласа позитивно“, додаде премиерот.

Ова ќе биде третото линеарно зголемување во последната година. Претходните две се реализираа со по 2.500 денари – во септември минатата година и во март оваа година. Првично, на есен беше предвидено покачувањето да биде процентуално – врз основа на растот на инфлацијата и просечната плата, согласно системското решение воведено во 2022 година од претходната влада. Според тој модел, пензиите двапати годишно се усогласуваат со трошоците за живот.

Според податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во земјава има 345.245 пензионери. По досегашните зголемувања, најниската пензија изнесува 18.192 денари, а највисоката надминува 85.000 денари.

Mia Home Mavrovo