Германскиот весник Frankfurter Sonntagszeitung објави нови детали за „Сараево сафари“ и сведочења од поранешниот американски маринец Џон Џордан, кој го видел феноменот на „туристите снајперисти“ уште во 2007 година. Според Џордан, странски посетители – Канаѓани, Руси, Германци, Швајцарци и Италијанци – со ловна опрема и огромни суми пари се вклучувале во „лов на луѓе“ во опсаденото Сараево.
Италијанскиот новинар Ецио Гавацени откри дека овие „воени туристи“ плаќале до 300.000 евра за своите крвави активности, а најпосакуваните цели биле деца, додека старците можеле да бидат убиени бесплатно. Според документи доставени на италијанското Обвинителство во Милано, ваквите активности продолжиле и во 1994 и 1995 година, иако претходно се мислело дека се запрени од разузнавачките служби.
Гавацени, кој е автор на книги за познатите атентати врз мафијашите и папата Јован Павле Втори, најави дека во февруари ќе ја објави својата нова книга „I cecchini del weekend“ („Викенд-снајперисти“), за која веќе има интерес од Netflix и Amazon за екранизација.
За време на опсадата на Сараево (1992–1996), според весникот, биле убиени 11.541 лица, меѓу кои 1.621 дете. Снајперистите биле распоредени на ридови и висококатници, од каде ги следеле улиците и плоштадите, а граѓаните се обидувале да се засолнат или да излезат по вода и храна, ризикувајќи го животот на секој чекор.

















