Откриен антички подводен пат стар 7.000 години кај Корчула – поврзувал праисториска населба со копното
Подводни археолошки истражувања кај западниот брег на островот Корчула доведоа до фасцинантно откритие – остатоци од пат стар околу 7.000 години, кој, според експертите, поврзувал сега потопено праисториско село со копното. Ова историско откритие го направи тим археолози од Универзитетот во Задар во рамки на долгогодишни истражувања на неолитскиот локалитет Солиње.
Сѐ започнало кога научниците, анализирајќи сателитски снимки, забележале необични форми под површината на морето. Откако подготвиле опрема и извршиле нуркања на теренот, под наслагите морски талог пронашле камен пат, изграден од внимателно наредени плочи, широк околу четири метри.
Според досегашните наоди, станува збор за комуникациски правец што датира од околу 4.900 години пред нашата ера и бил дел од културата на Хвар. Потврдата за возраста на локалитетот била добиена преку радиокарбонска анализа на дрвени остатоци најдени при претходни ископувања.
„Луѓето навистина чекореле по овој пат пред речиси седум милениуми“, објави Универзитетот во Задар на својата официјална Facebook страница.
Во прв момент постоела дилема дали станува збор за природна формација, но дополнителни наоди – како што се фрагменти од керамика и камени алатки – јасно укажале дека патот е резултат на човечка активност.
Истражувачкиот тим, охрабрен од успехот, продолжил со ископувања и на другата страна на островот, кај заливот Градина. Таму, на длабочина од четири до пет метри, било идентификувано уште една потопена неолитска населба со слични карактеристики како она кај Солиње.
Иако остатоците од патот биле откриени уште во 2021 година, неговото постоење беше официјално потврдено дури во 2023, а приказната стана глобална сензација. Последниве денови, веста повторно добива на актуелност во хрватските медиуми, потсетувајќи на значењето на Корчула како археолошка точка од светски ранг.