Албанија денес ја загуби една од своите највлијателни политички личности – поранешниот премиер Фатос Нано. Тој почина на 73-годишна возраст, пренесуваат албанските медиуми, по неколкудневна борба за живот на интензивна нега во приватна болница. Според информациите, неговата здравствена состојба нагло се влошила, а причината за смртта е срцев удар. Претходно, Нано се лекувал од проблеми со дишењето.
Фатос Нано беше еден од клучните политичари во посткомунистичка Албанија, човек што остави длабок траг во транзицијата на државата кон демократија и пазарна економија.
Роден е на 16 септември 1952 година во Тирана, а дипломирал политичка економија во 1974 година. Неговата политичка кариера започнала во декември 1990 година, кога бил назначен за генерален секретар на Советот на министри, а само еден месец подоцна станал вицепремиер во владата на Адил Царчани.
Кон крајот на февруари 1991 година, тогашниот лидер Рамиз Алија му ја довери функцијата премиер, со цел да ја подготви земјата за транзиција кон либерална демократија и пазарна економија. По изборите одржани на 31 март 1991 година, Нано го доби мандатот да формира влада, но на функцијата остана само неколку недели, поднесувајќи оставка поради бранот штрајкови и протести што ја зафатија земјата.
Во 1993 година беше уапсен и обвинет за злоупотреба на службена должност и фалсификување документи поврзани со италијанската помош, по што девет месеци подоцна беше осуден на 12 години затвор.
Неговото ослободување во 1997 година, во време на големи немири, означи нов политички подем – само три месеци по излегувањето од затвор, тој повторно ги доведе социјалистите на власт, кои ја задржаа власта во следните осум години.
Нано поднесе оставка во септември 1998 година, само две недели по атентатот врз пратеникот Азем Хајдари, кој предизвика жестоки протести и политичка нестабилност во земјата.
Во 2002 година повторно стана премиер и ја водеше владата до јуни 2005 година, кога беше поразен на изборите од неговиот долгогодишен политички ривал Сали Бериша.
Фатос Нано ќе остане запаметен како контроверзна, но историски важна фигура – лидер кој ја водеше Албанија низ бурните години на промените, оставајќи зад себе значајно политичко наследство.
















