ПРВ.мк

Софија е подготвена да потпише договор со Скопје за прекуграничен железнички тунел вдолж Коридорот 8

Софија е подготвена да потпише договор со Скопје за прекуграничен железнички тунел вдолж Коридорот 8
Jumbo Banner

Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и да започне со изградба на прекуграничниот железнички тунел на делницата од Коридорот 8. Ова го изјави бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски, Гроздан Караџов, на работен појадок со амбасадорите на земјите од ЕУ и НАТО, посветен на напредокот на овој стратешки инфраструктурен проект – пренесе БТА.

Караџов потенцираше дека тунелот меѓу Ѓуешево и македонската граница претставува клучна врска помеѓу Црното и Јадранското Море. Според него, Бугарија е подготвена веднаш да започне со изградба на својот дел од трасата – долг 2,4 километри – но посочи дека вистинскиот почеток зависи од договорот и изградбата на самиот тунел.

„Очекуваме официјален одговор и евентуални забелешки од Скопје. Доколку нема, сме подготвени веднаш да го потпишеме договорот и да почнеме со работа“, изјави Караџов.

На истиот настан зборуваа и министерот за регионален развој на Бугарија, Иван Иванов, и министерот за одбрана Атанас Запријанов. Иванов истакна дека не смее да се изгуби фокусот од стратегиските проекти како Коридорот 8, нагласувајќи ја потребата од забрзување на реализацијата поради неговото значење за економското и логистичкото поврзување.

Одбранбениот министер Запријанов, пак, го нагласи значењето на проектот во контекст на воената мобилност и регионалната безбедност. Тој подвлече дека железничкото поврзување меѓу двете земји е суштински дел од европскиот проект „Воена мобилност“, кој е еден од приоритетите во соработката меѓу НАТО и ЕУ.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран