Италијанската премиерка Џорџа Мелони денес во Рим изрази цврста поддршка за европскиот пат на Црна Гора, истакнувајќи дека е уверена оти земјата ќе стане 28-та членка на Европската унија токму за време на италијанското претседавање со ЕУ во првата половина на 2028 година.
Оваа изјава ја даде на заедничката средба со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, кој е во прва официјална посета на Италија на нејзина покана. Двајцата премиери истакнаа дека најдобрите денови за билатералната соработка сè уште доаѓаат, а дополнителен импулс за продлабочување на односите ќе даде и партнерството во рамките на Европската унија.
Разговорите меѓу двете страни беа фокусирани на конкретни заеднички проекти и иницијативи во клучни области како што се инфраструктурата, одбраната, енергетиката и регионалното поврзување, при што Италија потврди дека останува силен поддржувач на евроинтегративниот процес на Црна Гора.