Дванаесет државјани на Босна и Херцеговина се под официјална истрага поради сомнение дека извршиле тешки воени злосторства на територијата на Украина, објави „Детектор“. Украинските власти веќе година и пол ги очекуваат клучните податоци од институциите во БиХ, но и покрај испратените барања – досега не добиле никаков конкретен одговор.
Канцеларијата на украинскиот државен обвинител потврдува дека истрагата се однесува на лица за кои постојат сериозни индиции дека учествувале во злосторства како припадници на приватни воени компании. Во февруари 2024 година Украина побарала меѓународна правна помош, вклучувајќи информации за нивното движење и престој во БиХ, како и нивно испитување и документација поврзана со случајот.
БиХ одговорила дека осомничените не биле пронајдени на пријавените адреси, а досегашната постапка сѐ уште трае.
Според податоците на „Европол“, овие 12 лица се дел од многу поголема група составена од 654 осомничени припадници на руските паравоени организации „Вагнер“ и „Редут“, кои се под истрага за најтешки можни воени злосторства. Обвиненијата вклучуваат погубувања на цивили и заробеници, сексуално насилство, измачување и употреба на оружје забрането со меѓународни конвенции.
За време на координирани акции во Украина и Молдавија биле запленети оружје, муниција, униформи и електронска опрема. Дополнително, 11 украински државјани биле уапсени под сомнение за велепредавство.
Од Тужителството на БиХ изјавија дека „Европол“ не ги информирал за операцијата, но најавија дека ќе воспостават директна комуникација со европските институции за да ги добијат сите неопходни информации.
Во Босна и Херцеговина учеството во странски армии, паравоени формации или платенички групи се смета за кривично дело кое носи минимална затворска казна од три години.
















