Во турскиот град Маниса се случи инцидент кој ја шокираше јавноста – директор на основно училиште во населбата Тургутлу физички нападнал 13-годишно аутистично дете и го турнал по скалите. Настанот, кој предизвика огромен гнев во Турција, бил снимен од безбедносните камери во училиштето.
Според информациите, жртвата е ученик од петто одделение, идентификуван со иницијали Б.У.У., додека осомничениот директор е Б.Г.. На снимките јасно се гледа како директорот го турка детето, по што момчето паѓа по скалите и завршува со повреди.
По објавувањето на видеото, канцеларијата на главниот обвинител на Тургутлу веднаш покрена истрага за случајот, а директорот беше приведен и уапсен.
Во меѓувреме, канцеларијата на гувернерот на округот Тургутлу објави дека директорот е отстранет од функцијата, додека трае истрагата, нагласувајќи дека случајот ќе биде темелно разгледан за да се утврди целосната одговорност за инцидентот.
Настанот предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните бараат строги казни и целосна заштита на децата со попречености во образовниот систем.














