ПРВ.мк
Балкан

Откриено од што избувнал пожарот во домот за стари лица во Тузла - ова се деталите

Откриено од што избувнал пожарот во домот за стари лица во Тузла - ова се деталите
Kristal

Преоптоварен електричен кабел бил причината за разорниот пожар во домот за стари лица во Тузла што се случи на 4 ноември, соопштија надлежните институции по завршените првични истражни дејствија. Трагедијата продолжи да расте, откако уште двајца од повредените штитеници им подлегнаа на тешките повреди, со што вкупниот број на загинати достигна 15 лица.

Според истражните податоци, пожарот започнал од кабел поврзан со радио уред кој го користел еден од штитениците. Кабелот бил стуткан меѓу креветот и ѕидот, што довело до краток спој и електрично оптоварување кое резултирало со избувнување на пламенот. Пожарот брзо се проширил и прераснал во катастрофа.

Огнот започнал на седмиот кат од зградата, каде што биле сместени лица со ограничена подвижност и пациенти со сериозни здравствени состојби. Според информациите, единаесет лица починале веднаш на местото на настанот, додека триесетмина биле пренесени во болница со различни степени на повреди.

Локалните медиуми пренесуваат дека состојбата на дел од повредените била исклучително критична, што подоцна доведе до нови смртни случаи. Трагедијата предизвика силни реакции во јавноста и го отвори прашањето за безбедносните стандарди и одговорноста во установите од ваков тип.

По настанот, менаџерот на домот поднесе оставка, додека надлежните продолжуваат со детална истрага за да се утврди дали имало пропусти во процедурите за пожарна безбедност и реакција во итни ситуации.

Случајот ја потресе целата држава и повторно ја актуелизира дебатата околу условите, контролата и заштитата во домовите за стари лица.

Escape