Во еден од најемотивните настапи по катастрофата што ја потресе Србија, Дијана Хрка, мајката на 16-годишниот Стефан Хрка, кој загина во падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, објави дека почнува штрајк со глад.
На комеморативниот собир одржан денеска во Нови Сад, Дијана со треперлив глас порача дека нема да престане додека не се дознае вистината за трагедијата во која животот го загубија 16 лица.
„Тргнувам во оваа борба сама. Морам да знам кој го уби моето дете, кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова. Ќе штрајкувам со глад пред Собранието, спроти Ќациленд,“ изјави таа, додека толпата ја поздравуваше со аплауз и солзи во очите.
Со скршен глас и огромна болка, Дијана додаде: „Денеска е најтажниот ден за сите нас, денеска Нови Сад плаче, но јас се борам никој никогаш повеќе да не плаче – ниту самохрана мајка, ниту самохрана сестра.“
Таа упати и порака до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со јасно барање – распишување на избори и политичка одговорност за, како што рече, „недозволивата негрижа што ги одзема младите животи“.
Овој чекор на мајката која ја изгуби најголемата битка – битката за своето дете – предизвика длабоки реакции во јавноста. Граѓаните на Нови Сад ѝ изразуваат поддршка, а многумина најавуваат дека ќе ѝ се придружат во протестот пред Собранието.
















